Гушни ме оживеј ми ја душата!

,, Гушни ме за крај…
Гушни ме да преболам
гушни ме сега кога сум ти ништо
за да се сетиш тогаш кога ти бев нешто…
Гушни ме за крај
оживеј ми ја душата”…
Тоа беа последните зборови од неа…
Човек кога ќе изгуби некој сфаќа колку му значел.
А сега за мој инат биди среќна.
Кога и да ме видиш сврти ја главата
мене да ме боли,
а не тебе.
Кога ќе го бакнуваш мисли на него,
а не на мене.
Фати го за рака кога и да ме видиш.
Што и да правиш со него мисли на него,
а не на мене.
Кога ќе ме видиш додека си со него,
изглуми дека не ме познаваш.
Јас те повредив…
сега од инат биди најсреќна.
Бакни го пред мене
за да знам дека среќата со тебе
на друг сум ја препуштил,
за да знам дека се сум изгубил.

Недосонуван сон


„Заминувам наскоро.“
Ми шепна како педупредување
за да ти останам далечна,
расплакана и искршена.
Ме остави сама
со солзи на на празна перница.
Со изладено кафе на масата,
со полуизгорена цигара
и нема тишина.
Ме остави сама да се давам
во горчлива прашина
која ќе ме присетува на една избезумена ноќ
и едни тапи чекори
кои талкаа низ улиците
во потрага по уште една скршена душа,
како мојата, распарчена,
изопачена.
А јас ќе затворев очи и си велев :
,,Ќе заборавам,
ќе поминам ноќ ил две во солзи,
ќе преплачам,
ќе преболам”.
Си велев:
,,Ќе заздравам,
срце со солзи ќе излечам
и можеби повторно ќе засакам”.
Ама само лажно се надевав,
ниту се излечив,
ниту те преболив,
ниту те заборавив.
Ми остана НЕДОСОНУВАН СОН,
заборавен,
на полу оставен,
непреболен.
Ми остана сон
кој го сонував со расплаканк очи
и раскрвавени усни.
Ми остана сон кој наутро испарува
заедно со твојот парфем на празна перница.

Убавината на месечината

Месечината е посебено убава вечерва.
Знаеш на што ме потсетува?
Ме потсетува на тоа колку силно те сакав порано,
а сега бескрајно тагувам
Знаеш…
На полноќ понекогаш во паника ги уништувам соновите и имам несоници, чувствувам немир, исткаен од вулканот на копнежот.
Се уште незгаснат.
Се уште чувствувам дека очајно ми требаш како што на земјата и треба дожд или прстите на клавирот, а на музиката и треба глас.
Ми требаш, и чувствувајќи се вака беспомошна, сакам да врескам, но молчам, бидејќи не сум сигурна како безгласно да го направам тоа.
Не ми пречи.
Единствена желба ми е ти да спиеш мирно.
Да распостелеш соништа на постела.
Спиј и сонувај во ноќите и за мене,
измиј се во мир додема мислам на тебе.
Не дозволувај утрото да ти носи тага како и на мене.
Не дозволувај во зората копнежите како казна со солзи да ги исплаќаш
Не дозволувај никогаш разумот да ти го победи срцето како моето.
Остави ме мене преку ден да те проколнувам,
а во ноќите да те посакувам.
Не грижи се за мене.
Јас одамна се навикнав да љубам за двајцата
пред солзите да тропнат на врата како гревови за наплата.

Јас и тој…

Јас и тој.
Ветер и магла.
Совршено ништо.
Тој ист како ветерот брз и студен,
а јас како магла , типична
ненадејна и прекрасна. 
Дојде така бргу го посиви моето белило,
поради него јас се изгубив себеси.
Со него осетив како е да не постоиш во себе си.
Осетив како е да не можеш да пронајдеш дом во сопствената кожа
и помеѓу празнините на своите коски..
Благодарение на него станав странец во сопственото тело.
Како секој милиметар од него да ме притиска,
преладно е во него,
како да не е мое повеќе,
како да е туѓо,
како да му припаѓа нему
и со секој здив откривам колку всушност не дишам.
Се изгубив себе си.
Потонав во сивило.
Ме обзеде бунило.
Целосно.
Без траги.
Без глас.
Тивко без глас.

Чаша со вино

Ја креваш ли чашата со вино понекогаш за нас?

Ја нарачуваш ли се уште во кафана нашата песна стара?

Наздравуваш ли понекогаш за љубовта што ја изгубивме и шансите што залудно ги прокоцкавме?

Ги прелистуваш ли во ноќите албумите со наши слики во телефонот?

Се навикна ли на местата од спомени да чувствуваш празнини?

Имаш ли спокој и неостварени сни?

Проголтуваш ли спомени?

Ги еволуцираш ли нашите години низ солзи?

Те печат?

Те болат?

Мене ме болат.

И годините и спомените и душата.

А најмногу ме боли што за мојата почна чаша со вино ти си причината…

Знаеше ли?

Парчиња туѓа кожа

Ти велат не си заминувај – одговараш никогаш и сакаш да веруваш во тоа. Сакаш да веруваш во ветувања кои нешто значат, сакаш да го гледаш светот од поинаква перспектива од онаа вообичаената, па гушкаш додека можеш, сакаш посилно од што си верувал дека можеш, се смееш додека играш на дождот и додека трчаш во нечија прегратка.
Со полни гради дишеш, сакаш, градиш спомени чиј рок на траење не го гледаш, се смееш и во денови кога се распаѓаш барајќи ја смислата на постоењето во нечии очи кои истовремено те кршат и ти даваат сила.
И одеднаш се губи смислата на се и животот од сладок сон се претвара во горк кошмар.
Тој заминува без да чуеш и без да имаш шанса да го прегрнеш уште еднаш, си заминува без да му кажеш колку ти значи, без да заплачеш затоа што ни за солзи немаш време. И ништо не ти преостанува освен да учиш да дишеш и да продолжиш да живееш полека, тивко, без зборови во тишина. Почнуваш да се рушиш во сопственото непостоење, бидејќи кога тој заминал однел и дел од тебе со себе.
Ги понел со себе и парчињата туѓа душа.
Зел дел од твојата.
Зел дел со себе што засекогаш ќе недостасува во тебе.
Без тој дел никогаш повторно нема да се имаш себе.
Отворил празнина во тебе што никогаш нема да се пополни.
Ете понекогаш незнам што боли повеќе, да немаш дел од себе
или да имаш дел од некого што во едно време ти бил СЕ?

Разговори пред заминување

Што сакаше да ми шепнеш пред да заминеш што остана засекогаш премолчено?
За што сонуваше додека во зорите со испотени дланки ме прегнуваше?
Зошто додека наутро ме бакнуваше дишењето ти се забрзуваше?
Зошто со мене пронајде мир во сопствените немирни ноќи?
Зошто ме бакнуваше во чело, ако среќен не се чуватвуваше?
Зошто сето ова ако не ме сакаше?
– Ти шепнав тајна љубов која остана премолчена, дланките во ноќите ми се препотуваа бидејќи ја сонував иднината наша, ти го уби ѕверот во мене и ја разбуди мојата нота на љубов која одамна не сум ја почувствувал. Те сакав малечка, дури и премногу, но немав храброст да со збор да ти кажам, а немав ни сила со дела да ти докажам. Но те сакав, најсилно, премногу, те чував како што снегот го чува кокичето во зима и те сакав тебе повеќе и од себе, но немав храброст да ти кажам, затоа ти давам можност да ми судиш, слабак бев, камо среќа на време да престанеше заспаните страсти во мене да ги будиш, можеби така никогаш немаше во слабак како мене да се заљубиш и себе си да се изгубиш обидувајќи се нас да не задржиш. Сега знаеш малечка:
,, Емоциите се нашата најголема слабост,
а љубовта секогаш оди заедно со ранливост”!