Утра со мирис на спомени

Има утра во кои безброј пати сум се запрашала од каде така ненадејно ме напаѓаат спомените кога најмалку очекувам? Кога најмалку сакам да се сеќавам на твојот лик. Има утра во кои дури и изгрејсонцето ми го вреска твоето име, како секој атом од атмосферата да ме притиска и да ми го плеска во лице твоето отсуство. Има утра кога и потклекнувам на болката и се прашувам оздравев ли некогаш од тебе јас? Во тие утра има една треска што ме тресе при секое сеќавање на тебе, додека го пијам утринското кафе секое утро молници ме полазуваат по телото од помислата дека се уште го љубам човекот кои ги сруши сите мои соништа, ми ги згасна желбите, душата ми ја изгоре, немаше срце па и моето го распарчи, го уништи, а јас му дозволував. Секогаш тој беше мојата слаба точка, како Ахиловата пета тој беше мојата најранлива страна. Секогаш потклекнував на него, наивно, детски, заљубено во секој збор што од неговата усна ќе излезеше верував и свесно си дозволив од бол да ми стане непребол. Сега доцна е за назад, сега секој ќе се бори со својата тежина, сега дојде време секој да потоне во својата темнина.

Парчиња туѓа кожа

Ти велат не си заминувај – одговараш никогаш и сакаш да веруваш во тоа. Сакаш да веруваш во ветувања кои нешто значат, сакаш да го гледаш светот од поинаква перспектива од онаа вообичаената, па гушкаш додека можеш, сакаш посилно од што си верувал дека можеш, се смееш додека играш на дождот и додека трчаш во нечија прегратка.
Со полни гради дишеш, сакаш, градиш спомени чиј рок на траење не го гледаш, се смееш и во денови кога се распаѓаш барајќи ја смислата на постоењето во нечии очи кои истовремено те кршат и ти даваат сила.
И одеднаш се губи смислата на се и животот од сладок сон се претвара во горк кошмар.
Тој заминува без да чуеш и без да имаш шанса да го прегрнеш уште еднаш, си заминува без да му кажеш колку ти значи, без да заплачеш затоа што ни за солзи немаш време. И ништо не ти преостанува освен да учиш да дишеш и да продолжиш да живееш полека, тивко, без зборови во тишина. Почнуваш да се рушиш во сопственото непостоење, бидејќи кога тој заминал однел и дел од тебе со себе.
Ги понел со себе и парчињата туѓа душа.
Зел дел од твојата.
Зел дел со себе што засекогаш ќе недостасува во тебе.
Без тој дел никогаш повторно нема да се имаш себе.
Отворил празнина во тебе што никогаш нема да се пополни.
Ете понекогаш незнам што боли повеќе, да немаш дел од себе
или да имаш дел од некого што во едно време ти бил СЕ?